Врз основа на член 16 и член 18 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на РМ“ бр.52/2010 и 135/2011), Основачите на Здружение на граѓани за заштита на човекови права ОД НАС ЗА НАС Скопје на основачкото собрание одржано на 4.7.2019 година, донесоа

СТАТУТ

на Здружение на граѓани за заштита на човекови права ОД НАС ЗА НАС Скопје

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој статут се уредуваат: името и седиштето; целите на Здружението; дејностите со кои се остваруваат целите; начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето во Здружението; правата, обврските и одговорностите на членовите; видот на органите и нивниот состав; начинот на избор и разрешување; траење на мандатот на членовите во органите и начинот на одлучување; застапувањето по закон; начинот на стекнување и располагање со средствата; начинот на донесување на финансиски и други извештаи; начинот на остварување на јавност и отчетност во работата; начинот на донесување, изменување и дополнување на статутот; начинот на одлучување за статусни промени и престанок на Здружението; начинот на донесување на планови и програми; постапувањето со средствата и/или имотот во случај на престанок на Здружението и други прашања утврдени со закон; знакот и симболот на Здружението; внатрешните организациони форми; начинот на донесување на другите акти; судир на интереси; начин на разрешување на спорни прашања и други прашања од значење за работата на Здружението.

Член 2

Здружението ОД НАС ЗА НАС (во натамошниот текст: Здружението) е доброволна, непартиска, невладина и непрофитна граѓанска организација која ќе поведува иницијативи, реализира активности и учествува во градење на јавно мислење и креирање на политиките во областа на унапредување, заштитата и промовирање на човековите права и слободи во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Меѓународните конвенции.

Член 3

Основачи на Здружението се:

Гордана Гоџо од Скопје;

Горан Станков од Скопје;

Младенчо Трајковски од Скопје;

Виктор Антовски од Скопје;

Бранкица Бошковска од Скопје.

Член 4

Основачите на Здружението своите права и одговорности ги имаат исцрпено со чинот на основање на Здружението.
Со статутот, со општите и посебните акти, не можат да се утврдат посебни права и одговорности на основачите на Здружението.

Член 5

Здружението ОД НАС ЗА НАС е основано на неопределено време.
II. ИМЕ И СЕДИШТЕ

Член 6

Името на Здружението е: Здружение на граѓани за заштита на човекови права ОД НАС ЗА НАС Скопје.
Скратеното име на Здружението е: Здружение ОД НАС ЗА НАС Скопје.
Името на Здружението на англиски јазик е: Citizens Association for Protection of Human Rights UNITED WE STAND TALL Skopje.

Член 7

Седиштето на Здружението е во Скопје, на ул. Вич бр. 28/36. Одлуката за седиштето ја донесува Собранието.

Член 8

Здружението има свој печат и штембил.
Печатот на Здружението е со кружна форма и во него е впишан текст на македонски јазик со кирилско писмо: ЗДРУЖЕНИЕ ОД НАС ЗА НАС СКОПЈЕ.
Штембилот на Здружението е со правоаголна форма и во него е впишан текст: ЗДРУЖЕНИЕ ОД НАС ЗА НАС СКОПЈЕ, место за деловоден број, датум и прилог.

Член 9

Здружението има свој знак (амблем) кој што претставува стилизиран графички приказ на две дланки кои се поставени во динамично кружно движење и ја симболизираат поврзаноста и помагањето меѓу нас, како основна идеја за формирањето и функционирањето на Здружението. Зборовите ОД НАС ЗА НАС се со темно сива, а дланките во жолта и зелена боја.
Логото на Здружението може да се користи на меморандуми, публикации, печатен материјал, како и за јавно рекламирање на Здружението.
III. ЦЕЛИ

Член 10

 

Основна цел на Здружението е застапување и лобирање за унапредување на легислативата, подигнување на јавната свест во врска со заштитата и промовирање на човековите права и слободи во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Меѓународните конвенции како што се:
• Право на живот (право на физички интегритет и заштита од телесни повреди);
• Слобода на совеста и религијата;
• Право на здравствена заштита;
• Право на заштита на мајката, детето и семејството;
• Право на згрижување;
• Право на образование.

Член 11

Долгорочни цели на Здружението се:

• Почитување, промовирање, продлабочување и зајакнување на заштитата на човековите права и слободи, особено почитување, промовирање, продлабочување и заштита на правата на пациентите, подигнување на свеста кај населението и медицинската фела за правта на пациентите и нивната заштита.
• Промоција и заштита на човековото право за самоопределување за личното здравје и здравјето на семејството;
• Зајакнување на капацитетот на организациите кои се занимаваат со заштитата на човековите права и слободи и развивање на свеста на граѓаните за важноста на граѓанското општество, хуманитарната работа и владеењето на правото;
• Воспоставување дијалог помеѓу пациентите, лекарите, здравствените институции и фармацевтските компании;
• Постојано следење на меѓународното законодавство и пракса во доменот на заштита на правата на пациентите, иницирање и учество во процесот на приближување и хармонизација на домашната легислатива со европското законодавство;
• Развивање на квалитетна и креативна програма за едукации и консултантски услуги во областите на делување на Здруженито;
• Помош во овозможување еднаков пристап до правдата;
• Унапредување на здравата животна средина, запознавање на граѓаните со нивните права за здрава животна средина и слично.
• Зачувување и афирмација на традиционалните културни вредности, морални принципи и негување на традиционалното семејство како исклучително важна вредност во македонското општество.

Други цели на Здружението се:

• Да организира манифестации и јавни дебати за промоција и активно вклучување на прашањето на заштитата и промовирање на човековите права и слободи во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Меѓународните конвенции во главните општествени текови;
• Да организира и учествува на семинари и советувања на кои се разгледува прашањето на заштитата и промовирање на човековите права и слободи во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Меѓународните конвенции;

• Да предлага мерки и активности на надлежните органи, институции и стручни служби, со цел унапредување на регулативата во областа на заштитата и промовирање на човековите права и слободи во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Интернационалните конвенции, како и да учествува во следење на нејзината имплементација;
• Да организира и спроведува обуки за развој на капацитетите;
• Да соработува, да се поврзува и да се зачленува во други домашни и меѓународни организации кои работат на иста или слична проблематика;
• Да обезбедува материјални, финансиски и правни услови за работа на Здружението и неговите членови.
• Да предлага и спроведува научни и стручни истражувања во областа на човековите права и слободи во областа на здравството, образованието и образованието на семејства.
Со цел да ги постигне своите цели, Здружението:
• Собира и обработува научна и стручна литература од областа на човековите права и слободи од областа здравје, семејство, образование;
• Учествува и организира, самостојно или во заедница со други организации, научни и стручни состаноци, јавни дебати, конференции, обуки, семинари, кампови и други форми на едукација, професионална обука во оваа област, како и изложби, промоции, штандови, перформанси итн.;
• Обезбедува ширење на информации релевантни за промовирање и постигнување на поставените цели, објавува книги и други публикации за прашања поврзани со заштитата во здравството, образованието, семејството, во согласност со закон;
• Организира експерти за работа на научни, стручни и истражувачки проекти поврзани со заштита на здравјето на човекот, образованието, семејството, во согласност со законот;
• Учествува во подготовката на национални, регионални и локални стратегии и акциони планови во овие области, области и промовирање на важноста од развивање на свеста за правото на избор во областа на медицината;
• Постојано контактира и соработува со ресорните министерства, надлежните институции, универзитетите, училиштата, професионални здруженија и други организации во земјата и странство кои се занимаваат со човековите права и слободи од доменот на здравјето, семејството, образованието;
• Ги претставува и ги штити интересите и правата на членовите пред домашните и странските организации, медиумите и јавноста;
• Иницира јавни иницијативи за усвојување на социјални мерки кои влијаат на почитувањето и примената на човековите права и слободи во доменот на здравјето, семејството, образованието;
• Им обезбедува бесплатни совети на своите членови.

Член 12

Целна група на Здружението се граѓаните (луѓето) без разлика на нивната национална, религиска или друга припадност или определба.
Здружението своите активности посебно ќе ги насочи кон чинителите и донесувачите на одлуки за сите прашања поврзани со остварувањето на целите на Здружението.

Член 13

Начелата врз кои се темели работата на Здружението се: независност, јавност, транспарентност, непрофитност, непартиско дејствување, иницијативи во јавниот живот, партиципација (учество), партнерство, толеранција, претприемништво, одржливост и еднакви можности.

Член 14

Здружението дејствува на целата територија на Република Македонија.
Здружението дејствува и на меѓународно ниво, во согласност со својата генерална политика и стратегија.
Во остварувањето на своите цели, Здружението ќе соработува со други општествени субјекти, здруженија, синдикати и политички организации во земјата и странство.

Член 15

Работата на Здружението е јавна.
Јавноста ќе биде информирана за работата на Здружението преку споделување на информации од јавен карактер во електронски и печатени редовни и помошни билтени, одржување на конференции, професионални и други средби, и слично.
Исклучување или ограничување на информациите од јавност може да биде само во случај кога тоа е од општ интерес или кога станува збор за материјали или вршење на активност која се смета за деловна или професионална тајна, согласно Закон.
IV. ЧЛЕНСТВО

Член 16

Член на Здружението може да биде секој полнолетен и деловноспособен граѓанин, кој доброволно ќе пристапи и кој ќе ги прифати целите на Здружението утврдени со овој статут.
Член на Здружението може да биде и лице кое живее во странство и има државјанство на Република Северна Македонија, како и странски државјанин.
Малолетно лице со наполнети 15 години се зачленува во Здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник.
Зачленувањето се врши со барање за членство, преку пополнување и потпишување на пристапница, во хартиена или во електронска форма.
Формата и содржината на пристапницата ги пропишува Управниот одбор.
После потпишување на пристапницата и уплата на првата месечна (годишна) членарина, членот добива електронска потврда за членството.

Член 17

Здружението води регистар на членови.
Податоците во регистарот се ажурираат најмалку еднаш на две години и се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.

Здружението ја гарантира анонимноста на личните податоци во регистарот на членовите кои тоа го побарале.

Член 18

Секој член на Здружението има права и обврски согласно одредбите на овој статут и другите акти на Здружението.

Права на членовите на Здружението:

• Да избира и да биде избран во органите и телата на Здружението, како и да биде вклучен во сите активности на Здружението;
• Учествува подеднакво со другите членови во остварувањето на целите на Здружението;
• Директно учествува во одлучувањето во Собранието, како и преку органите на Здружението;
• Навремено е и целосно информиран за работата и активностите на Здружението по електронски пат;
• Совети и помош од здружението во врска со остварувањето на правата кои се цели на здружението;
Обврски на членовите на Здружението:
• Активно да придонесува за постигнување на целите на Здружението;
• Учествува, во согласност со интересот, во активностите на Здружението;
• Ги исполнува другите обврски во согласност со Статутот и другите општи акти на Здружението;
• Плаќа месечна (годишна) членарина.

Одлуката за висината и начинот на плаќање на членарината ја носи Собранието.

Член 19

Членството во Здружението може да престане со доброволно истапување и со исклучување.
Секој член може доброволно да истапи со потпишување на писмена изјава.

Членството престанува со исклучување во случај кога членот:
• не го почитува статутот и другите акти на Здружението;
• дејствува спротивно на целите на Здружението;
• ја повредува репутацијата на Здружението.
• не ја плаќа редовно членарината во рок од три месеци.
Одлука за исклучување на членот од Здружението донесува Собранието, на образложен предлог на Управниот одбор. На членот мора да му се дозволи да даде изјава за причините поради кои е поднесен предлог за решение за престанок на неговото членство во Здружението, во печатена или елетронска форма.
При престанок на членство во Здружението, членот се брише од регистарот на членови на Здружението.

Член 20

Членството престанува и со:
• смрт или одземање деловна способност на членот;
• престанок на Здружението.

Член 21

Органите на Здружението се должни веднаш да го запишат престанокот на членството во евиденцијата на членовите без одлагање.
V. ОРГАНИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 22

Органи на Здружението се: Собрание, Претседател и Управен одбор.
Органите на Здружението се избираат на начин утврден со овој статут. Кандидатите за членови на органите на Здружението треба да бидат лица со интегритет, компетентност и афирмативност.
Членовите на органите на Здружението дејствуваат во личен капацитет и одлучуваат според личното уверување.

1,Собрание

Член 23

Собранието на Здружението е највисок орган на Здружението и го сочинуваат сите членови на Здружението, со неограничен мандат.

Собранието:

  • Донесува статут и измени на статутот;
  • Донесува план и програма и други акти на Здружението;
  • Усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај и го објавува на веб страницата на Здружението;
  • Доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно до органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во случаите кога користи средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа;
  • Одлучува за промена на целите на Здружението;
  • Одлучува за внатрешната организација и организационите форми на органите на Здружението; – Избира и разрешува Претседател и членови на Управниот одбор, со мнозинство гласови од вкупниот број членови;
  • Го разгледува и одобрува, најмалку еднаш годишно, извештајот на Управниот одбор;
  • Избира независен ревизор (друштво за ревизија);
  • Одлучува за статусните измени на Здружението;
  • Одлучува за зачленување и истапување од сојузи во земјата и странство;
  • Одлучува за престанок на Здружението со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на Здружението и
  • Врши и други работи во согласност со статутот и актите на Здружението.

Член 24

Собранието работи на седници.
Собранието по правило, одржува седница најмалку еднаш годишно и по потреба.
Седниците на Собранието ги свикува Претседателот, по сопствена иницијатива, по иницијатива на Управниот одбор или на 1/3 од членовите на Собранието. Ако Претседателот во рок од 30 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Управниот одбор или иницијаторите.
Седницата на Собранието се свикува со писмено известување до сите членови на Здружението, во кое се наведува времето и местото на одржување на собранието и предлог дневен ред, Со известувањето и предложениот дневен ред се доставуваат и сите потребни материјали во врска со точките на предложениот дневен ред, доставени на адреса на членовите или по електронска пошта.
Известувањето за свикување на собрание, предложениот дневен ред и материјалите се доставуваат најмалку 15 (петнаесет) дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
Собранието донесува деловник за работа со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

Член 25

Редовната седница на Собранието се одржува еднаш годишно, најдоцна до крајот на месец мај во годината.
Иницијативата за свикување на вонредна седница на собрание се доставува до Претседателот и Управниот одбор во писмена форма, и во нејзин прилог треба да биде вклучен предог дневен ред на прашањата што треба да се разгледаат.

Член 26

Со седницата на Собранието претседава Претседателот на Управниот одбор, а во негово отсуство неговиот заменик.
Седницата на собранието се одржува во време и место наведено во писменото известување за свикување на седницата. По исклучок, седницата на собранието може да се одржува по телекомуникациска мрежа или електронски, кога постојат услови и потреби за таков начин на работа.
Гласањето на седницата е јавно, освен ако не е поинаку уредено со овој статут или ако Собранието не одлучи поинаку.

Член 27

Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број членови. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, а најмалку со една третина од вкупниот број членови, ако со овој статут не е предвидено посебно мнозинство. Собранието за сите прашања одлучува со јавно гласање. Собранието со тајно гласање одлучува само за избор и разрешување на Претседател и членови на Управен одбор.
Одлуката за измена на Статутот, статусни промени и престанок на работа на Здружението се донесува со двотретинско мнозинство од присутните членови.

Член 28

За работата на Собранието се води записник којшто содржи податоци утврдени со деловникот.
Записникот го води записничар и се заверува од Претседавачот на Собранието и Претседателот на здружението.

Претседател

Член 29

Претседателот е лице чии права, овластувања и одговорности се поврзани со раководењето на Здружението и застапувањето на Здружението во согласност со закон и со овој статут.
Мандатот на Претседателот е четири години, со право на повторен избор.
Претседателот на здружението е и Претседател на Управниот одбор.

Член 30

Претседателот:
− Го застапува Здружението во правниот промет со трети лица и одговорен е за комуникацијата и соработката со други страни;
− Ги следи и ги анализира состојбите, проблемите и јавните политики во дејноста на Здружението, дава прогнози и предвидувања, покренува иницијативи и дава предлози за унапредување на работата;
− Се грижи (идентификува, развива и спроведува) за стратешкото планирање и изготвува перспективни, годишни и периодични програми и деловни планови (со финансиски планови) и е одговорен за нивното извршување;
− Поднесува периодични извештаи до Управниот одбор и годишни извештаи до Собранието;
− Ја води организацијата и развива организациска култура;
− Воспоставува соодветни процедури за работа на Здружението;
− Формира пописни и други комисии и работни групи;
− Се грижи за правилно и економично работење со средствата на Здружението и управува со паричниот тек;
− Одлучува за засновање работен однос, ги води и мотивира соработниците;
− Воспоставува показатели и ги оценува работните достигнувања и
− Врши други работи утврдени со закон и статутот.
Претседателот е одговорен за:
− Законитоста, правилноста и навременоста на работата на Здружението и за обезбедување услови за работа во согласност со законите, статутот и општите акти на Здружението;
− Подготвување и навремено, објективно и точно презентирање на финансиските извештаи;
− Управување и следење на ризиците на кои е изложено Здружението.
Претседателот, во рамките на своите права и овластувања, може да му даде на друго лице писмено полномошно за преземање на одредени правни дејствија, како и за застапување пред правосудните и другите органи. Содржината, видот, обемот и времетраењето на полномошното ја определува Претседателот.

2. Управен одбор

Член 31

Управниот одбор е орган на Здружението чии работи се поврзани со општо управување и следење на секојдневното работење на Здружението. Управниот одбор е извршен орган на Здружението кој е одговорен за имплементација на целите на Здружението.
Управниот одбор е составен од пет члена., кои ги избира и отповикува Собранието.
Претседателот на Здружението е Претседател на Управниот одбор.
Мандатот на членовите на Управниот одбор е четири години, со право на повторен избор.
Членовите на Управниот одбор избираат заменик на претседателот на Управниот одбор од своите редови.

Член 32

Управниот одбор:
− Ги донесува општите акти на Здружението, освен актите што ги донесува Собранието и го следи спроведувањето на статутот;
− Донесува одлуки за награди, пофалници и признанија;
− Донесува одлуки за набавка и отуѓување на основни средства;
− Предлага измени и дополнувања на статутот;
− Предлага годишна програма за дејствување на Здружението и го следи спроведувањето на програмата;
− Одобрува тримесечни и шестмесечни извештаи;
− Добро управува и се грижи за имотот и средствата на Здружението;
− Предлага независен ревизор (друштво за ревизија);
− Одобрува годишна сметка;
− Подготвува и спроведува одлуки на Собранието;
− Одлучува за награди и признанија;
− Управува со Здружението во согласност со Статутот, и е одговорен за целокупната работа на Здружението и за таа цел одлучува за сите прашања што му се доверени.
− Ја насочува работата на Здружението помеѓу двете седници на Собранието и донесува одлуки за постигнување на целите на Здруженијата;
− Организира редовни активности на Здружението;
− Формира, избира и разрешува должности на членови на помошни и работни тела, комисии, совети итн. и ги одредува нивните задачи, го следи начинот на нивното работење;
− Соработува и одржува контакти со научни, професионални, државни и други организации;
− Се грижи за редовно информирање на членовите и јавноста за работата и активностите на Здружението;
− Ги определува претставниците на Здружението кои ќе присуствуваат на стручни и други состаноци во земјата и во странство;
− Ангажира лица за посебни потреби на Здружението;
− Предлага донесување на финансиски одлуки;
− Одлучува за поведување на постапка за надомест на штета во случаите од членот 52 став 2 од Законот за здруженија и, доколку е потребно, може да назначи специјален претставник на Здружението за таа постапка;
− Одлучува за други прашања за кои други тела не се овластени, со закон или со овој Статут;
− Врши други работи во согласност со овој статут и со општите акти на Здружението.

Член 33

Управниот одбор работи и одлучува на седници.
Управниот одбор одржува седници по потреба, а најмалку четири седници годишно.
Седниците на Управниот одбор ги свикува претседателот на Управниот одбор, по сопствена иницијатива, по барање на двајца членови на Управниот одбор или по барање на 1/3 од членовите на Собранието. Во негово отсуство Седниците на Управниот одбор ги свикува заменик претседателот на Управниот одбор.
Претседателот на Управниот одбор е должен да свика седница во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот кога е поднесено барањето.
Свикувањето на седницата се врши со покана во која се наведува времето и местото на одржување и предлог-дневен ред на седницата, по пошта, електронска пошта или телефонски.
Седницата на Управниот одбор може да се одржува преку телекомуникациска мрежа или електронски, кога постојат услови и потреби за таков начин на работа.
За работата на седниците се води записник, којшто го заверува претседавачот и еден член на Управниот одбор.
Управниот одбор донесува деловник за работа, со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
VI. ФИНАНСИСКО И ДЕЛОВНО РАБОТЕЊЕ

Член 34

Здружението средствата за финансирање ги стекнува од членарина, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот.
Здружението може да добива средства и од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Член 35

Финансиските средства на Здружението се употребуваат за остварување на целите на Здружението определени со овој статут и програмата на Здружението и согласно со правилата и ограничувањата на изворите на финансирање.
Вишокот на остварените приходи над расходите (добивката) мора да биде употребен за остравување на целите на Здружението утврдени со овој статут и не може да се распределува меѓу основачите, членовите, членовите на органите, Претседателот, вработените или кое било друго со нив поврзано лице.

Член 36

Финансиската година се совпаѓа со календарската година.
Висината и начинот на распределба на средствата на Здружението се утврдуваат секоја година со финансискиот план, а врз основа на годишен деловен план.
Годишниот деловен план, вклучувајќи го финансискиот план, го донесува Управниот одбор.
Годишниот деловен план се донесува на крајот од тековната календарска година, за наредната година.

Ако годишниот деловен план не се донесе во рокот предвиден со ставот 4 од овој член, финансирањето ќе се врши во висина на средствата од претходната година, зголемени со порастот на цените на мало во тековната година.

Член 37

Здружението води сметководство, води и чува книги, поднесува годишна сметка и врши попис на начин уреден со закон.
Управниот одбор со општ акт го уредува финансиското работење.
Управниот одбор го одобрува извештајот за попис.

Член 38

Здружението изготвува годишен извештај, годишна сметка и финансиски извештаи во согласност со закон, овој статут и општите акти на Здружението.
Годишниот извештај е составен од извештај за постигнувањата и финансиски извештај. Содржината на годишниот извештај и финансискиот извештај е во согласност со закон и со стандардите за финансиско известување.
Одговорен за годишниот извештај, за годишната сметка и за финансиските извештаи, односно за нивната подготовка и потпишување е Претседателот.
Собранието може да одлучи доколку годишниот буџет на Здружението е над 20.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија да се изврши независна годишна ревизија на финансиското работење, а ако буџетот е над 100.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, да се изврши ревизија во согласност со меѓународните сметководствени стандарди.
Годишниот извештај и финансискиот извештај за претходната година, го донесува Собранието до 30 март во тековната календарска година, односно во рокот пропишан со закон.
Годишниот извештај и финансискиот извештај за претходната година се објавуваат на веб страницата на Здружението најдоцна до 30 април во тековната календарска година.
VII. ЗАШТИТА НА ИНТЕРЕСИТЕ

Член 39

Претседателот и членовите на органите на Здружението се должни да управуваат и работат со внимание и во согласност со начелата на добро управување, во интерес на Здружението, а над личните интереси, односно во интерес на остварување на целите, во согласност со закон и со овој статут.

Член 40

Здружението одговара за своите обврски со целиот свој имот и средства.
Претседателот и членовите на Управниот одбор одговараат лично и неограничено за нивните обврски кон Здружението, за злоупотреба на средствата на Здружението, за постигнување цели што за нив како поединци се забранети или за злоупотреба на Здружението како правно лице за да им нанесат штета на своите доверители.

Член 41

Претседателот и членовите на Управниот одбор се одговорни солидарно за штетата на Здружението предизвикана од нивната работа, ако таа е предизвикана со грубо невнимание или со намера да се предизвика штета, освен во случаите кога во одлучувањето го издвоиле своето мислење на записник или ако не учествувале во одлучувањето.
VIII. ПРЕСТАНОК НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 42

Здружението престанува да постои ако:
− Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови донесе одлука за престанок на постоење на Здружението, по образложена иницијатива за престанок на Здружението доставена во писмена форма од било кој орган или пет члена на Здружението; Иницијативата се доставува во писмена форма до Управниот одбор кој има обврска да ги извести членовите на првото следно Собрание.
− Бројот на членовите на Здружението се намали под бројот определен за основање;
− Поминато е двојно повеќе време од времето предвидено за одржување на седница на Собранието, а таа не е одржана;
− Во две последователни години не е поднесена завршна сметка во согласност со закон;
− Статусна измена која предвидува престанок на постоењето;
− Донесена е одлука на надлежен суд;
− Стечај или
− Спроведена ликвидација.
Претседателот или членови на органите на Здружението се должни да поднесат барање за бришење од регистарот, до органот каде што е Здружението регистрирано, доколку Здружението престане да работи.

Член 43

Во случај на престанок на Здружението, со имотот и средствата што остануваат по намирување на обврските располага Здружението на граѓани за заштита на човековите права Здравје со игла не влегува, Кичево.
IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 44

Толкување на одредбите на овој статут дава Собранието, а помеѓу две седници на Собранието, Управниот одбор.

Член 45

Измени и дополнување на овој статут се вршат на ист начин и постапка како и за неговото донесување.

Иницијативата за изменување и дополнување на Статутот може да даде член на Здружението или било кој орган на Здружението.
Образложената иницијатива се доставува на Управниот одбор, со предлог измени во писмена форма.
Управниот одбор иницира постапка за измена на Статутот и за тоа ги информира сите членови со соодветно објаснување на иницијативата.
Предлог измените и дополнувањата на Статутот Управниот одбор ги доставува до сите членови за јавна расправа.
Предлог измените и дополнувањата на Статутот Управниот одбор му ги доставува на усвојување до Собранието на првата наредна седница, или на вонредна седница, доколку е иницирано и свикување на вонредна седница.

Член 46

За сите одредби што не се регулирани со овој Статут директно ќе се применуваат одредбите од Законот за здруженија.

Член 47

Овој статут влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави на веб страницата на Здружението